ГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – 40 милиони евра за студентски домови и ресурсни центри

Паралелно ќе се реконструираат и училишта за ученици со посебни образовни потреби

ГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – 40 милиони евра за студентски домови и ресурсни центри
Фото: Принтскрин

Министерството за образование и наука ја засилува динамиката на инвестициски активности со цел создавање поквалитетни услови за образование и подобрување на стандардот на учениците и студентите. Во текот на оваа година, покрај продолжување на реконструкцијата на државните студентски домови, ќе започне и сеопфатна обнова на државните училишта со ресурсни центри, кои имаат клучна улога во развојот на инклузивното образование.

За реализација на овие проекти се обезбедени 40 милиони евра од Германската развојна банка KfW, со поддршка од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Средствата ќе се искористат за втората фаза од темелната и енергетски ефикасна реконструкција на преостанатите седум државни студентски домови. Во моментов, домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ веќе се во фаза на обнова. Паралелно, ќе се реализира и реконструкција на седум државни училишта со ресурсни центри, наменети за ученици со посебни образовни потреби.

Дополнително, преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан, финансирана од Европската Унија, обезбеден е грант од 1,25 милиони евра. Овие средства ќе бидат наменети за подготовка на проектната документација, енергетски анализи и спроведување на тендерските постапки за реконструкција на ресурсните центри.

Договорите за користење на средствата ги потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и претставникот на KfW, Пабло Алварез Обрадор, во присуство на претставници од Делегацијата на Европската Унија и германската амбасада во Скопје.

Овој инвестициски циклус претставува значаен чекор кон подобрување на условите за живот и учење на младите, јакнење на инклузивноста во образованието, зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

CATEGORIES
Share This