МЕСИ ВЛЕЗЕ ВО ИСТОРИЈАТА – 900 голови и уште тресе мрежи
Меси го постигна својот 900-ти гол за Интер Мајами, Барселона, ПСЖ и Аргентина.

Лионел Меси стана само вториот фудбалер во историјата кој постигнал 900 голови во професионалната кариера, откако ја погоди мрежата на Нешвил во Купот на шампионите на КОНКАКАФ за Интер Мајами. Тоа беше неговиот 81. гол на 92 натпревари за клубот откако пристигна во јуни 2023 година.
Меси има блескава кариера со големи успеси за Барселона, Пари Сен-Жермен и репрезентацијата на Аргентина. Тој осум пати ја освои Златната топка и стана светски шампион во 2022 година.
Во мај 2005 година, на 17 години, десет месеци и седум дена, Меси стана најмладиот стрелец во историјата на Барселона. За 17 сезони во Барселона, тој постигна 672 гола на 778 натпревари, а во две сезони во ПСЖ оствари 32 голови на 75 средби. На репрезентативен план, Меси има 196 настапи за Аргентина и 115 голови, бројка која може да ја зголеми на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.
Најмногу голови му се против Севилја (25), најефикасната година му беше 2012 со 91 гол, а од вкупно 900 голови, 755 ги постигнал со левата нога.
Кристијано Роналдо го достигна бројот од 900 голови во септември 2024 година и сега има 959, додека Пеле тврдел дека постигнал повеќе од 1.000 голови, но официјално му се признаени 778.
На реваншот против Нешвил, Меси погоди во 7. минута, но гостите израмнија на 1-1 и го елиминираа Интер Мајами од натпреварувањето. Со ова, Меси стана вториот фудбалер со над 900 голови, зад Роналдо, и го постигна јубилејот во 1.142 натпревари што е побрзо од Роналдо.


