ЗАШТИТА НА НЕПУШАЧИТЕ – Кој сака да пуши ќе мора во посебна просторија

Законот ги штити и непушачите и пушачите, обезбедувајќи безбедни и јасни простори.

ЗАШТИТА НА НЕПУШАЧИТЕ – Кој сака да пуши ќе мора во посебна просторија
Фото: Национал

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска најави дека предлог-законот за заштита од пушење на 24 март ќе биде разгледан на седница на Владата, по што ќе биде процесуиран во Собранието. Алиу очекува законот да биде усвоен во рок од еден до еден и пол месец.

Првично законот требаше да стапи на сила од 1 март, но неговата примена беше одложена поради забелешки од угостителите и тутунската индустрија. Министерот истакна дека биле одржани повеќе состаноци со засегнатите страни, при што сите прашања биле анализирани од научна, економска, инфраструктурна и здравствена перспектива.

Алиу посочи дека најголем дел од спорните точки се решени и дека Македонија ќе биде во чекор со европските стандарди. Целта е во наредните две години процентот на пушачи во земјата да се намали од 45% на под 20%.

Во однос на барањата на угостителите за кафеанските тераси, законот предвидува дека просторот каде што е дозволено пушење може да има две отворени страни, или пак отворен кров, што обезбедува чист воздух. Од економска гледна точка, ова е важно бидејќи многу објекти во Скопје и другите градови не можат да имаат три отворени страни.

Исто така, законот налага секој угостителски објект да има посебен влез за просторот каде што се пуши, така што граѓаните кои не пушат нема да имаат контакт со чадот. Алиу нагласи дека законот ги штити и непушачите и пушачите, обезбедувајќи јасни и безбедни простори за двете страни.

CATEGORIES
Share This