ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД – Утре е неработен ден по повод Рамазан Бајрам

Портите на рајот се отворени, а пеколот затворен според исламската традиција.

ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД – Утре е неработен ден по повод Рамазан Бајрам
Фото: Принтскрин

На 20 март се слави Рамазан Бајрам, првиот ден од еден од најголемите исламски празници. Согласно Законот за празниците на Република Северна Македонија, овој ден, петок, е неработен за граѓаните од исламска вероисповед.

Рамазан е светиот деветти месец во исламскиот календар, време посветено на пост, молитва, солидарност и духовно прочистување. Според верувањето, токму во овој месец светата книга Куран му била откриена на пророкот Мухамед преку архангелот Гаврил.

За време на Рамазан, муслиманите постат од изгрејсонце до зајдисонце, воздржувајќи се не само од храна и пијалаци, туку и од лоши мисли и постапки. Постот започнува со утринскиот оброк суфур, а завршува со ифтар по зајдисонце. Од пост се ослободени децата, бремените жени, доилките и болните лица.

Рамазан е еден од петте столба на исламот, заедно со верата, молитвата, милостината и поклонението. Овој месец симболизира добрина, милосрдие, љубов и простување. Исламската традиција вели дека за време на Рамазан се отвораат портите на рајот и се затвораат портите на пеколот, носејќи благослов и прошка за верниците.

Постењето, како еден од најважните обреди, се практикува секој ден во текот на месецот, со утрински оброк и молитва пред зори и со завршување на постот по зајдисонце.

Рамазан Бајрам го означува крајот на постот и е време на радост, семејни собири, дарување и меѓусебно простување.

CATEGORIES
Share This