Македонија е меѓу водечките земји во светот според најновиот извештај на Обединетите Нации за намалување на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Во извештајот за 2025 година, земјата е истакната како успешен глобален пример благодарение на координираните активности на институциите и меѓународните партнери, меѓу кои УНИЦЕФ, Светската здравствена организација и Фондот за население на Обединетите нации.
Според податоците, за помалку од една деценија е постигнат значителен напредок: неонаталната смртност е намалена за 87%, од 8,1 на 1,1 на 1.000 живородени, додека смртноста кај децата под пет години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.
Министерот Алиу истакна дека овие резултати ја потврдуваат насоката на здравствените политики во земјата, особено во делот на заштитата на мајките и децата. Тој нагласи дека во изминатиот период се спроведени низа мерки, вклучително зајакнување на итната акушерска грижа, подобрување на неонаталната нега, ажурирање на клиничките протоколи, унапредување на практиките за реанимација и превенција од инфекции, како и подобра подготвеност за транспорт на новороденчиња.
Дополнително, имплементиран е и мастер-планот за перинатална нега 2020-2030, кој овозможува развој на стратифицирана перинатална мрежа и континуирано подобрување на квалитетот на здравствената заштита на сите нивоа.