ХРВАТСКА НА СТРАНА НА МАКЕДОНИЈА – Пленковиќ за ЕУ патот на Македонија

Потврдено партнерството во рамки на европското семејство

ХРВАТСКА НА СТРАНА НА МАКЕДОНИЈА – Пленковиќ за ЕУ патот на Македонија
Фото: Социјални мрежи

Хрватска останува силен поддржувач на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, порача Андреј Пленковиќ по средбата со Христијан Мицкоски во Брисел.

Пленковиќ нагласи дека Северна Македонија заслужува јасна и кредибилна перспектива за членство во Европската Унија, потврдувајќи дека Хрватска ќе продолжи активно да го поддржува процесот на пристапување.

На социјалната мрежа „Икс“, хрватскиот премиер информираше дека на средбата биле разменети мислења за клучните глобални и регионални теми, вклучувајќи ги геополитичките предизвици, енергетската безбедност во Југоисточна Европа и мерките за справување со растот на цените на енергентите.

Средбата се одржа во рамки на одбележувањето на 50-годишнината од Европската народна партија, каде во Брисел се организира и самит на европските лидери.

За средбата се огласи и Мицкоски, кој истакна дека разговорите биле фокусирани на европската перспектива на земјата, регионалната соработка и унапредувањето на билатералните односи, со цел зацврстување на партнерството во рамки на европското семејство.

CATEGORIES
Share This