СКОПЈЕ ВО РИТАМОТ НА ВИЕНА – Бесплатна вечер со Моцарт, Хајдн и Шуберт и австриски вина
Настанот ќе се одржи на 26 март во Националната опера и балет

На 26 март, Скопје ќе биде домаќин на концерт на камерна музика инспириран од богатата австриска класична традиција и вистинско уживање за љубителите на префинетиот звук.
Со почеток во 19:30 часот, во Национална опера и балет ќе се одржи концертот „Австриска вечер на камерна музика“, кој ја слави културната и музичка оставштина на Австрија.
Публиката ќе има ретка можност да ужива во делата на тројца великани на виенската класична школа како што се Волфганг Амадеус Моцарт, Јозеф Хајдн и Франц Шуберт. Програмата е внимателно селектирана и се фокусира на камерната музика, со акцент на гудачките инструменти и кларинетот.
Настанот се одржува под мотото „Контрастрингс и кларинет“, што го отсликува неговиот концепт и спој на различни музички бои, изрази и емоции преку суптилна и хармонична изведба.
Организатор е Австриска амбасада во Скопје, со цел да се промовира австриската култура и да се продлабочи културната размена со домашната публика.
Дополнителна привлечност на концертот е тоа што влезот е бесплатен, а посетителите ќе можат да уживаат и во дегустација на австриски вина, создавајќи целосно автентична атмосфера.
Овој концерт претставува одлична можност за љубителите на класичната музика да доживеат врвна уметност во живо и да се доближат до ремек-делата што оставиле длабок траг во светската музичка историја.


