САЕМ НА КНИГАТА 2026 – Отвори прозорец кон нови светови
Бестселери, нови изданија и автори од земјата и странство на едно место

Најголемиот книжевен настан во земјава и оваа година ќе го претвори Скопје во центар за љубителите на литературата. Саемот на книгата 2026 ќе се одржи под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, нагласувајќи ја моќта на книгите да нѐ водат на авантури кои можеби дури и не сме ги замислувале.
Во периодот од 23 до 29 април, арената „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на читатели, автори, културни работници, преведувачи и издавачи од земјата и странство.
Секоја нова книга е како нов прозорец кон свет што го одбираме сами, свет што едвај чекаме да го откриеме. На страниците на книгите ги запознаваме новите авантури, личности кои ни стануваат пријатели или инспирација, и преку нивните приказни ја осознаваме сопствената човечка и емоционална димензија.
Токму оваа магија на книжевноста е во фокусот на Саемот на книга 2026. Слоганот „Отвори прозорец кон нови светови“ не само што ја отсликува убавината на книгите, туку ги повикува посетителите да се нурнат во нивните приказни и да запливаат во нови светови.
Организаторите најавуваат богата програма со бестселери, изданија од омилени домашни и странски автори, како и промоција на нови дела. Посетителите ќе можат да присуствуваат на излагања и работилници со популарни автори, додека издавачите ќе претстават ексклузивни наслови и досега невидени изданија.
Саемот на книга е еден од најзначајните културни настани во Скопје, кој ги обединува читателите од сите градови на земјата и од странство. Забележлив тренд во последните години е враќањето на младата генерација, која се’ повеќе се интересира за книжевниот свет, а оваа година се очекува посета од сите возрасти. Саемот се одржува со поддршка од Министерството за култура и туризам, а арената „Борис Трајковски“ ќе биде отворена за сите љубители на пишаниот збор од 23 до 29 април.


