ВЛАДАТА РЕАГИРА – Се разгледува ДДВ за гориво да падне од 18% на 10%

Опцијата за намалување на ДДВ е дел од мерките за ублажување на ценовниот шок и за заштита на куповната моќ на граѓаните

ВЛАДАТА РЕАГИРА – Се разгледува ДДВ за гориво да падне од 18% на 10%
Фото: Принтскрин

Владата разгледува можност за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%.

„Една од опциите е намалување на ДДВ од 18% на 10%, со можност за дополнително намалување, зависно од движењата на светските пазари. Целта е заштита на животниот стандард, намалување на ценовниот притисок и одржување на економската стабилност. Владата ќе реагира навремено за ограничување на ценовните притисоци, поддршка на стопанството и одржување на ликвидноста, со цел амортизирање на надворешните шокови, зачувување на конкурентноста и заштита на куповната моќ на граѓаните“, велат од Владата.

Горивата вчера бележат втор голем скок во рок од една недела. Бензините поскапеа за 8 денари по литар, а дизелот за 7,5 денари. Заедно со претходното поскапување од 5 денари за бензините и 14,5 денари за дизелот, тоа значи дека бензинот е поскап за околу 18%, а дизелот за близу 30% за само неколку дена. Од СДСМ најавуваат пакет мерки за ублажување на кризата и намалување на ударот врз граѓаните. Лидерот Венко Филипче пресмета дека новото поскапување ќе им чини на граѓаните дополнителни 4,5 милиони евра.

ДУИ, пак, обвинува дека Владата не презема навремени мерки и дека граѓаните се оставени сами да се справуваат со ценовниот шок. Според нив, без итна интервенција, цените можат да пораснат за повеќе од 10 проценти.

Поскапувањето на горивата директно се одразува врз цените на другите производи, особено храната и транспортот. Бизнис секторот предупредува дека растот на трошоците ќе влијае врз крајните цени, што дополнително ќе ја поттикне инфлацијата.

Владата истакнува дека земјата е меѓу водечките економии според растот на бруто-домашниот производ во Европа, а надлежните институции го следат однесувањето на трговците. Доколку се откријат неправилности, ќе следуваат санкции. Експертите, сепак, предупредуваат дека без навремени мерки ударот врз животниот стандард на граѓаните ќе биде уште посилен.

CATEGORIES
Share This