ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК ПРЕДЛОГ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РКЕ – Следен чекор избор на пленарна седница
Според податоците од анкетниот лист и Централниот регистар, Ристов има имот вреден 627.326 евра, вклучувајќи земјиште, градежно земјиште, куќа од над 500 м², куќа за одмор во Радовиш и два стана во Скопје.

Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој на последните локални избори не се кандидираше за нов мандат, денеска беше предложен за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Предлогот доби седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден воздржан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Ристов, кој по потекло е од Радовиш, во периодот ноември 2021 – октомври 2025 година ја извршуваше функцијата градоначалник. Тој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.
Според податоците од анкетниот лист и Централниот регистар, Ристов има имот вреден 627.326 евра, вклучувајќи земјиште, градежно земјиште, куќа од над 500 м², куќа за одмор во Радовиш и два стана во Скопје. Меѓутоа, неговото име исчезна од сопственичката структура на две компании „Дариа ДООЕЛ Радовиш“ (основана 2011 година) и „ЗВК Бел Камен Серта“, што предизвика прашања дали овие промени се направени заради неговата номинација за претседател на РКЕ.
Според Централниот регистар, во средината на февруари Ристов ја отстапил својата компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали на друг сопственик, а управител стана сметководителката Ѕвезда Андонова. Компанијата носи по неколку стотици илјади евра годишно.
Исто така Ристов е сопственик на три мали хидроцентрали преку компанијата Еко Тера.
Покрај Ристов, на огласот за претседател на РКЕ се пријави и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки. Меѓутоа, тој не влезе во потесниот круг поради неисполнување на условите од огласот, што предизвика реакции од пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ, која нагласи дека огласот не е во целост усогласен со член 47 од Законот за енергетика.
Досегашниот претседател Марко Бислимоски поднесе оставка на 12 февруари, а Ристов сега треба да биде изгласан на пленарна седница за да го добие официјално местото.


