ГОЦЕ ФЕСТ 2026 – Патриотската музика оживува на 4 мај
Познати и нови пејачи ќе ги изведат песните посветени на татковината.

Со нов датум и со нови патриотски песни! Македонскиот музичко-патриотски фестивал „Гоце-фест“, по многу години од своите изданија во февруари, годинава ќе се одржи на нов датум кој носи голема патриотска симболика. Фестивалот ќе се распее со нови македонски патриотски песни на 4 мај ден што е тажен, но историски значаен за македонската нација. Токму на тој ден, во 1903 година, во селото Баница загина македонскиот херој и идеолог на борбата за слобода, Гоце Делчев.
Настанот ќе се одржи на традиционалната локација Домот на АРМ во Скопје, каде со години се промовираат нови песни посветени на татковината и историјата на Македонците. Организаторите појаснуваат дека изборот на датумот е сосема логичен, а салата останува дом на македонската патриотска музика.
Песните ќе бидат изведени од бројни популарни македонски фолк-пејачи, како што се: Благица Павловска, Круме Спасовски, Смиља Митревска, Гоце Пејковски, Лени Партикова, Перо Христов, Блага Петреска, Дамјан Стојаноски, Петар Нечоски, како и нови пејачки имиња. Со нивната емотивна интерпретација, тие ќе продолжат традицијата на популаризација на татковинската песна како дел од македонската музичка ризница.
И оваа година, најдобриот интерпретатор ќе ја добие ексклузивната награда „Никола Бадев“. Минатата година, наградата им припадна на Катерина Брезева со групата „Соната“ за песната „Момче Македонче“ и на новонадежниот пејач од Струга, Методија Столески, за песната „Руво Зетовски“.


