БАРСЕЛОНА И ХАНСИ ФЛИК – Последен клуб, последна сезона
Тренерот не сака да зборува за детали пред важниот реванш во Лигата на шампионите, но јасно истакна дека нема да води друг клуб.

Тренерот на Барселона, Ханси Флик (61), објави дека ќе ја заврши својата тренерска кариера по заминувањето од каталонскиот клуб, истакнувајќи дека актуелниот ангажман ќе биде неговиот последен во професионалниот фудбал.
Германскиот стратег е пред продолжување на договорот со Барселона до 2028 година, иако сегашниот истекува во 2027, што го потврди претседателот на клубот, Жоан Лапорта. Сè уште се очекува официјална потврда за новите услови.
Флик избегна да ги открие деталите од новиот договор пред реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Њукасл, но јасно ги истакна своите планови.
„Не мислам дека сега е вистински момент за тоа. Имаме многу важен натпревар пред нас. Сакам да работам тука и ова ќе биде мојот последен клуб, мојата последна работа. Многу сум среќен поради тоа“, рече Флик.
Лапорта, од своја страна, нагласи дека клубот се стреми кон долгорочна соработка со германскиот тренер.
„Тој е за тоа и наскоро ќе го објавиме договорот, бидејќи тука се чувствува како дома. Би сакал целиот мандат да го поминам со Ханси Флик. Тоа би значело стабилност и би покажало дека сме успешни“, изјави претседателот.
Лапорта оцени дека Флик донел значителен напредок во тимот.
„Тој е млад и енергичен човек кој успеа да го направи тимот функционален со играчи кои претходно не беа во најдобра форма. Тимот доби поттик од неговата јасност и концептуалност“, додаде Лапорта.
Флик ја презеде Барселона во летото 2024 година и веќе во првата сезона ја освои домашната двојна круна. Пред доаѓањето во Шпанија, тој го водеше Баерн Минхен, со кој во 2020 година ја освои тројната круна, како и репрезентацијата на Германија од 2021 до 2023 година.


