ПР КАМПАЊА ИЛИ РЕАЛНОСТ – Се судрија синдикатот и Министерството
Синдикатот алармира за нехигиена и несоодветни услови за исхрана додека министерството ги отфрла обвинувањата и зборува за реални факти.

Независниот синдикат на професионални војници обвини за сериозно лоши услови во дел од армиските објекти, тврдејќи дека припадниците на Армијата со години живеат и работат во руинирани касарни со несоодветна хигиена и инфраструктура.
Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, реагираше по неодамнешната промоција на реновирани објекти во касарната „Јане Сандански“ во Штип, оценувајќи дека станува збор за селективно прикажување на состојбата.
Според него, иако дел од објектите се обновени, најголемиот дел од касарните низ државата остануваат во лоша состојба, при што, како што наведува, значителен број од нив не биле реновирани повеќе од три децении. Синдикатот укажува и на проблеми со хигиената и условите за исхрана во одредени воени објекти.
Од друга страна, Министерството за одбрана ги отфрла обвинувањата дека станува збор за ПР кампања и нагласува дека јавноста редовно се информира за инвестициите во одбранбениот сектор.
„Инфраструктурата во дел од армиските касарни не е на највисоко ниво, и за тоа сме целосно свесни. Постојат објекти во кои не се инвестирало и повеќе од 50 години, но во моментов се вложуваат рекордни средства за нивна реконструкција“, велат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека во тек се активности за изработка на проектна документација, реновирање и реконструкција на објекти, како и подобрување на енергетската ефикасност, водоводната и електричната инфраструктура, системите за греење и противпожарна заштита.
Според Министерството, за 2026 и 2027 година се предвидени околу 12 милиони евра за градежни зафати во касарните низ државата.
Во реакцијата се додава дека дел од изнесените информации од синдикатот се нецелосни и ја искривуваат сликата за реалните инвестиции, при што се посочува и дека против претседателот на синдикатот се поднесени кривични пријави.


