РАСКОЛ ДО КРАЈ – Шилегов го предизвика Филипче на директна пресметка
Филипче обвинува за обид за разединување, Шилегов возвраќа со тврдења за договори со власта

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека партијата се соочува со сериозен предизвик, но дека нема да дозволи нејзино разединување.
„Се бориме за опстанокот и за европската иднина на државата и нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ преку поединци да ја ситни и да ја дели партијата“, изјави Филипче на денешната прес-конференција, коментирајќи ја одлуката за покренување постапка за исклучување на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Филипче ја обвини власта дека се обидува да ги прикрие сопствените слабости и падот на рејтингот, посочувајќи дека, според него, единствената стратегија е создавање поделби во опозициските редови.
„Имаме работа со криминална и корумпирана власт која не може да го запре падот на анкетите. Единствено што прават е да ја делат партијата за полесно да владеат, но тоа нема да го дозволиме“, нагласи тој.
Тој потсети дека, според него, вакви обиди за слабеење на партијата имало и претходно – во 2021 година, потоа во 2024 година, кога, како што рече, се водела силна националистичка кампања, како и во 2025 година, кога дел од сопартијците, меѓу кои и Шилегов, признале дека не работеле за партијата на изборите.
Од друга страна, Шилегов возврати со остри обвинувања кон партиското раководство, тврдејќи дека делува во корист на владејачката партија, а не во интерес на членството на СДСМ.
„Во интерес на ВМРО-ДПМНЕ е СДСМ да биде во ваква состојба, за да обезбеди два мандати и да избегне потенцијални кривични истраги. Очигледно е дека партијата е кадровски исцрпена и дека луѓето кои имаат тежина веќе не се дел од неа“, изјави Шилегов.
Тој го повика Филипче на средба во општинската организација на СДСМ во Карпош, каде, како што рече, заедно со членството би се разговарало и за иницијативата за негово исклучување, но и за евентуална смена на партискиот лидер.
Шилегов нагласи дека, согласно партискиот Статут, конечната одлука за неговиот статус треба да ја донесе општинската организација.


