УТРЕ ОДЛУКА ВО СОБРАНИЕТО – Ненад Савески на чекор до функцијата

Советот на јавните обвинители претходно дал позитивно мислење за Савески и уште три кандидати.

УТРЕ ОДЛУКА ВО СОБРАНИЕТО – Ненад Савески на чекор до функцијата
Фото: Принтскрин

Собранието утре ќе одлучува дали Ненад Савески ќе стане нов државен јавен обвинител, откако Владата го предложи за оваа функција на 10 март. За изборот му се потребни најмалку 61 пратенички глас.

Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд Скопје, е предложен по оставката на Љупчо Коцевски. Неговата кандидатура произлезе од постапка во која учествуваа пет кандидати.

Роден во 1976 година, Савески живее во Гостивар, оженет е и татко на три деца. Тој е магистер по казнено право, со завршени студии и магистратура на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител, додека од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Кариерата ја започнал како судски приправник во истиот суд.

Во јавноста е познат по учеството во повеќе предмети со висок јавен интерес. Во моментот го води повтореното судење против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Во претходна постапка одлучуваше и во случајот познат како „27 април“, кога за дел од осомничените определи ефективен притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, додека за други беа изречени мерки куќен притвор.

Во својата професионална биографија има и меѓународно искуство, работел како експерт во ОБСЕ, учествувал во Националната конвенција за ЕУ Поглавје 23, како и во проекти на Советот на Европа и УСАИД. Бил вклучен и во работни групи за судски и законски реформи, со фокус на кривичната постапка, притворот и посебните истражни мерки.

Во академската сфера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, како и обучувач и тутор во програмата HELP на Советот на Европа. Автор и коавтор е на повеќе стручни трудови и публикации од областа на кривичното право и човековите права.

Зборува повеќе јазици, меѓу кои македонски, англиски, германски и српски, како и основен албански.

Покрај Савески, за функцијата конкурираа и Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристовска, Владимир Панчевски и Лидија Раичевиќ.

Советот на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица кандидати Тополова-Исајловска, Ристовска, Савески и Раичевиќ, додека за Панчевски оцени дека не ги исполнува законските услови во однос на работниот стаж.

По оставката на Коцевски во декември минатата година, функцијата привремено ја извршува Тополова-Исајловска, но според закон не може да остане на позицијата подолго од шест месеци.

Согласно Законот за Јавното обвинителство, Владата по добиените кандидатури бара мислење од Советот, а потоа утврдува предлог до Собранието. Доколку ниту еден кандидат не добие позитивно мислење, постапката се повторува со нов оглас.

Конечната одлука е во рацете на пратениците и за избор на нов државен јавен обвинител потребно е мнозинство од најмалку 61 глас.

CATEGORIES
Share This