ЕДНА ПО ЕДНА СЕ ПРЕДОМИСЛУВААТ – Ирански фудбалерки го откажуваат азилот во Австралија
Три фудбалерки и еден член на стручниот штаб веќе го повлекле азилот и заминале кон Малезија.

Захра Ганбари, капитенката на женската фудбалска репрезентација на Иран, го повлече барањето за азил во Австралија, објавија иранските државни медиуми. Таа е петтата членка на иранската делегација која се предомисли по учеството на Азискиот куп. Според агенцијата IRNA, Ганбари од Малезија ќе отпатува кон Иран во следните неколку часа.
Пред неа, три фудбалерки и еден член на стручниот штаб веќе ги повлекоа своите барања за азил и од Австралија заминаа во Малезија.
Австралискиот министер за внатрешни работи, Тони Бурк, изјави дека неговата земја им понудила азил на сите фудбалерки и членови на стручниот штаб, поради стравувањата дека би можеле да бидат казнети во Иран. Причина за понудата беше одбивањето на фудбалерките да ја пеат националната химна на почетокот на турнирот.
Иран ги одигра своите три натпревари од групната фаза на турнирот во Квинсленд на 2, 5 и 8 март. На првиот натпревар, фудбалерките одбија да ја пеат химната, по што државната телевизија ги нарече „предавници“. На следниот натпревар против Австралија, тие ја пеаа химната и ја поздравија, што предизвика сомнежи дека биле принудени по жестоките критики. Активистите за човекови права сметаат дека првичното молчење било форма на протест.
Првично пет играчки прифатиле азил, а подоцна им се придружиле уште една фудбалерка и член на стручниот штаб. По последните повлекувања, две фудбалерки остануваат во Австралија, каде им е ветена заштита и можност за нов живот.
Играчките кои останаа во Австралија беа однесени на безбедна локација од Австралиската федерална полиција, каде се сретнале со имиграциски службеници и потпишале документи. Според Бо Буш од синдикатот FIFPRO, секој член на тимот бил сослушан поединечно и информиран за своите права.
„Фудбалерките беа целосно запознаени со поддршката која им е достапна. Процесот сигурно не беше избрзан“, изјави Буш.


