НОВИ ИМИЊА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА – Седлоски го објави списокот
Ако ја поминеме Данска, во финалето Македонија ќе се соочи со победникот од дуелот Чешка - Ирска, а поразените ќе одиграат пријателски натпревар.

Фудбалската репрезентација на Македонија започнува нова ера под водство на селекторот Гоце Седлоски, кој го објави првиот список на повикани играчи за претстојниот бараж за Светското првенство. Националниот тим се подготвува за полуфиналниот дуел против Данска, првиот голем предизвик за новиот селектор.
Десет дена пред натпреварот, Седлоски направи неколку промени во составот во споредба со претходникот Благоја Милевски. Во тимот се враќаат Бобан Николов и Љупче Дориев, а нови имиња на списокот се: Имран Фетаи од Шкендија, Дани Мусовски од Сиетл Саундерс и Себастијан Херера, колумбиски бек со македонски пасош кој игра за Борац Бања Лука.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан во понеделник во хотел „Хилтон“ во Скопје. По кратките подготовки во главниот град, тимот ќе отпатува за Копенхаген, каде ќе го одигра полуфиналето против Данска.
Доколку Македонија ја победи Данска, во финалето од баражот ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Селекциите што ќе загубат во овие натпревари ќе одиграат меѓусебен пријателски натпревар.


