СУДСКИ ПРЕСВРТ – Латас и Лазаров на слобода

Обвинителот Коцев поднесе жалба, случајот повторно оди пред Апелација.

СУДСКИ ПРЕСВРТ – Латас и Лазаров на слобода
Фото: Принтскрин

Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, иако претходно Апелациониот суд Скопје ја врати пресудата на повторно судење само поради прецизирање во образложението.

Двајцата беа обвинети за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку подкаст емитиран на 14 февруари 2023 година, во кој јавно се исмејуваше сексуално злоставување на девојка од младоста на Павловиќ-Латас. Во подкастот, Латас раскажува дека како 15-годишник заедно со врсници ја злоставувал девојката, додека Лазаров се смеел и го поттикнувал раскажувачот, што според обвинението претставува промоција на полово насилство.

Првично, судијката Дијана Груевска-Илиевска ги осуди двојката на условни казни: Павловиќ-Латас на шест месеци, а Лазаров на три месеци. Апелациониот суд ја укина пресудата, истакнувајќи дека не може да има кривично дело омраза и ксенофобија без умисла, што било противречно во претходното образложение.

Меѓутоа, наместо да ја прецизира пресудата според насоките на Апелацијата, судијката Груевска-Илиевска ги ослободи обвинетите, што предизвика остри реакции од јавноста.

Граѓанските организации за човекови права го осудија подкастот како поттикнување на родово базирано насилство и повикаа компаниите што рекламирале во емисијата да ги повлечат рекламите. Хелсиншкиот комитет за човекови права изјави дека содржината нормализира насилство и испраќа порака до жртвите дека системите за поддршка речиси не постојат.

Исто така, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) ја осудија содржината како поттикнување насилство и родова дискриминација.

Обвинителот Даниел Коцев поднел жалба против ослободителната пресуда, па случајот повторно ќе се разгледува пред Апелациониот суд.

Овој случај повторно го отвора прашањето за тоа како институциите реагираат на јавни содржини кои нормализираат насилство и ја загрозуваат безбедноста на жртвите.

CATEGORIES
Share This