БУНТ ВО СДСМ – Поранешни кадри креваат глас, ќе бараме оставки, се подготвува платформа

Јавноста наскоро ќе биде информирана за конкретните чекори и барањата за реформи во СДСМ.

БУНТ ВО СДСМ – Поранешни кадри креваат глас, ќе бараме оставки, се подготвува платформа
Фото: Национал

Поранешниот функционер на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и ексградоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во телевизиско гостување изјави дека партијата се соочува со сериозна кадровска криза и најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.

Според него, во партијата веќе се одвива процес кој има цел да поттикне внатрешни реформи и промена на начинот на раководење.

„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата повеќе да не го прават тоа. Треба да дојдат други луѓе кои ќе ја водат партијата“, рече Шилегов.

Тој посочи дека иницијативата ќе биде предводена од луѓе кои политички израснале во СДСМ и дека наскоро ќе биде претставена платформа со која ќе се бараат сериозни реформи во партијата.

Шилегов оцени дека состојбата во СДСМ е загрижувачка и дека партијата значително ослабела на политичката сцена. Според него, резултатите на локално ниво покажуваат пад на влијанието на партијата.

„Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помогнат, а се дел од СДСМ, очигледно не се пожелни. Кога укажуваме дека начинот на раководење ја носи партијата на прагот на политичка егзистенција, наместо одговорност добиваме обвинувања“, изјави тој.

Во однос на критиките дека работи во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов рече дека таквите обвинувања се неосновани и нагласи дека неговиот политички ангажман е исклучиво поврзан со СДСМ.

„Кај граѓаните опозициското чувство е високо, но вака организиран СДСМ безличен и без можност да привлече нови гласови,  очигледно е дека треба да се бара поинаков пристап“, рече Шилегов.

Тој најави дека јавноста ќе биде информирана за следните чекори, а иницијативата наскоро ќе излезе со конкретна платформа за промени и реформи во партијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This