УТРЕ ЗАСЕДАВА РКЕ – Одлука за новите цени на горивата

Цената на нафтата на светските берзи се движи над 100 долари за барел

УТРЕ ЗАСЕДАВА РКЕ – Одлука за новите цени на горивата
Фото: Национал

Утре, покрај почетокот на новата работна недела, ќе се одржи и редовна седница на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), на која ќе се утврди новата максимална цена на горивата.

На почетокот на оваа недела граѓаните и стопанствениците доживеаaа шок откако РКЕ ја зголеми цената на дизелот за 14,5 денари (околу 20%), па денес дизелот се продава по 85,5 денари за литар. По ова, неизвесноста расте, и многумина се прашуваат дали цените дополнително ќе се зголемат.

Во петокот берзите затворија со цена на барел нафта над 100 долари. Слична беше и цената во понеделникот утрото, пред РКЕ да ги зголеми цените, додека вечерта барел нафта падна под 90 долари.

Сепак, засилените воени дејствија во Заливот и затворениот Ормутски теснец ја зголемија цената на суровата нафта Брент до 103,14 долари за барел во петокот попладне.

Во последните 24 часа беа погодени неколку танкери и нафтени центри во Персискиот залив, а „ослободената“ руска нафта од танкери не е доволна да ја задоволи побарувачката. Ова создава услови цената на нафтата да продолжи да расте при отворање на берзите.

Дополнително, за македонските потрошувачи негативен фактор е курсот на доларот, кој веќе втора недела по ред расте во однос на еврото и другите валути.

Ако барел нафта остане над 100 долари, а доларот го задржи сегашното ниво, речиси сигурно е дека од вторник на полноќ ќе следува ново поскапување на горивата. Единственото прашање е дали зголемувањето ќе биде мало (2-3 денари) или силно, со над 5 денари за литар дизел и бензин.

CATEGORIES
Share This