ОД ПЛАМЕН ДО НАДЕЖ – Прикажан документарен филм за пожарот во „Пулс“
На меѓународна конференција во Скопје беа споделени искуствата од третманот и рехабилитацијата на повредените по трагичниот пожар.

Една година по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во Скопје се одржува меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти, како и на искуствата и решенијата што произлегоа по несреќата.
Во рамки на конференцијата беше прикажан документарниот филм „Од пламен до надеж“, кој силно ги трогна присутните. Сведоштвата на дел од повредените во пожарот предизвикаа емоции кај публиката. Тие раскажаа како успеале да се спасат од огнената стихија, како се одвивал нивниот медицински третман и каква поддршка добиле од здравствените установи и институциите.
Преживеаните посочија дека рехабилитацијата во Пониква им помогнала значително и не само физички, туку и психолошки. Таму, велат, успеале постепено да се прифатат себеси, да се ресоцијализираат и да продолжат напред по тешкото искуство.
Патот до закрепнување, како што нагласуваат, бил долг и исполнет со предизвици. Сепак, силната волја за живот и благодарноста за втората шанса им даваат мотивација да продолжат да се борат и да се издигнат над трагедијата.
Македонија денес одбележува една година од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Несреќата се случи на 16 март минатата година, за време на настап на македонската музичка група ДНК, и длабоко ја потресе јавноста.


