СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА – Започна работничкиот протест во Скопје
Долготрајното незадоволство од ниските плати и игнорирањето на синдикатските барања го поттикна протестот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците да се приклучат на денешниот протест, нагласувајќи дека синдикатите се борат за повисоки плати и подобар животен стандард.
„Добро утро, ние денес се бориме за вашите плати, а што ќе направите вие?“ порача Трендафилов.
Протестот започна во 12:05 пред Работничкиот дом и ќе се движи по улиците „Филип Втори Македонски“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Даме Груев“ и булеварот „ВМРО“, завршувајќи пред Владата на Република Северна Македонија на булеварот „Илинден“.
Учесниците ќе застанат и пред Собранието и пред Стопанската комора, каде синдикатите ќе ги упатат своите пораки до институциите и работодавачите.
Од ССМ велат дека протестот е резултат на долготрајното незадоволство на работниците, бидејќи платите не ги следат реалните трошоци за живот. Синдикатот додава дека нивните барања за зголемување на минималната и другите плати биле игнорирани, што го зголемило револтот кај работниците.
„Кога Владата и газдите не слушаат, тогаш работниците и синдикатите зборуваат на улица“, порачуваат од ССМ.


