ТРАМП ПРИВРЕМЕНО УКИНА САНКЦИИ ВРЗ РУСКАТА НАФТА – Сега Брисел незадоволен
Последици за глобалниот пазар и можен краток период на корист за Русија и стабилизација на цените на енергенсите.

Американскиот претседател Доналд Трамп одлучи привремено да укине дел од санкциите врз руската нафта, со цел да ги намали цените на енергенсите. Одлуката доаѓа по блокадата на Ормускиот теснец, каде вчера помина турски танкер и еден од ретките бродови кои успеаја да се пробијат. Блокадата веднаш предизвика скок на цената на нафтата на светските пазари.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, истакна дека оваа одлука треба да се гледа во поширокиот контекст на глобалниот пазар.
„Друг начин да се погледне ситуацијата е дека тие буриња инаку би завршиле во Кина“, рече тој.
На прашањето дали Русија ќе има корист од ова, Бесант одговори:
„Да, жално е, но се надеваме дека периодот ќе биде краток“.
Мераката важи 30 дена и се однесува само на руска нафта која веќе е натоварена на бродови и моментално плови, но не најде купувачи поради страв од секундарни санкции. Станува збор за „флота во сенка“ и десетици танкери со околу 100 до 150 милиони барели нафта, што е количина еквивалентна на едно дневно светско производство.
Во Москва со внимание го следеа потегот на Трамп. Одлуката следеше по ослободување рекордна количина нафта од американските стратешки резерви, а неколку дена претходно Трамп разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека во моментов интересите на Москва и Вашингтон се совпаѓаат.
Европа, меѓутоа, побара објаснувања. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека потегот на САД може да ја зајакне руската воена машинерија, особено финансирањето на беспилотни летала кои се користат против Украина, Блискиот Исток и некои европски и американски бази.
Францускиот претседател Емануел Макрон покажа разбирање за временската мерка на Вашингтон, но нагласи дека Европа нема да ја смени својата политика на санкции. Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше одлуката и побара дополнителни објаснувања, додека шпанската министерка за енергетика Сара Егесен ја нарече радикална промена на американската политика.
Европската Унија, која воведе 19 пакети санкции против Русија и ја стави руската нафта на црната листа, не планира сличен потег. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека блокадата на Ормускиот теснец од страна на Иран беше очекувана, но дека Трамп ја потцени сериозноста на ситуацијата.


