СВЕТЛИНА ШТО ОСТАНУВА – Кочани одбележува прва годишнина од трагедијата

Рекреативна трка, велосипедска тура и планинарски марш во чест на 63-те млади жртви

СВЕТЛИНА ШТО ОСТАНУВА – Кочани одбележува прва годишнина од трагедијата
Фото: Принтскрин

Со утринската литургија во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани, на која чиноначалствуваа Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Неговото високопреосвештенство митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион, започна одбележувањето на првата годишнина од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“.

За утре се предвидени повеќе спортски и културни активности. Меѓу нив се рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите 63 млади лица. Во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на релација Пониква.

Во спортската сала кај Гимназијата во Кочани ќе се одржи кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата.

Централното одбележување на кочанската трагедија е закажано за 16 март, кога пред објектот „Пулс“ ќе се одржи настанот „Светлина што останува“. Во Паркот на револуцијата во Кочани ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ и муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите.

Во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, што се случи на 16 март 2025 година во 2:35 часот по полноќ, загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.

CATEGORIES
TAGS
Share This