ИРАНСКИОТ УРАНИУМ НЕ ОДИ ВО РУСИЈА – Трамп кажа „не“

САД и Израел ја сметаат контролата над ураниумот за клучна воена цел.

ИРАНСКИОТ УРАНИУМ НЕ ОДИ ВО РУСИЈА – Трамп кажа „не“
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп ја одби понудата на рускиот претседател Владимир Путин да се префрли иранскиот збогатен ураниум во Русија, објави порталот „Аксиос“. Предлогот бил даден за време на телефонски разговор оваа недела, но Трамп го отфрлил.

Станува збор за 450 килограми ураниум збогатен до 60%, доволно за повеќе од 10 нуклеарни бомби. САД и Израел сметаат дека обезбедувањето на овој материјал е една од нивните главни воени цели.

Теоретски, предлогот на Путин би овозможил отстранување на ураниумот без потреба од американски или израелски копнени операции. Русија веќе има технички капацитет да го прими таквиот материјал, откако по договорот од 2015 година складирала ниско збогатен ураниум на Иран.

Путин на Трамп му понудил неколку идеи за завршување на конфликтот, вклучувајќи и трансфер на ураниумот. Иран претходно отфрли вакви предлози, предлагајќи материјалот да остане под контрола на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Не е познато дали сега Техеран би прифатил таква опција.

Трамп рече дека разговара со сите светски лидери и е подготвен за договор само ако е поволен за САД. Во меѓувреме, САД и Израел размислуваат да испратат специјални сили во Иран за обезбедување на ураниумот.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави дека постојат „повеќе опции“ за контрола над високо збогатениот ураниум, вклучително и доброволно предавање од страна на Иран.

Трамп, сепак, рече дека во моментов обезбедувањето на ураниумот не е приоритет, и за прв пат призна дека Русија можеби му помага на Иран во конфликтот, додека САД помагаат на Украина.

CATEGORIES
TAGS
Share This