БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ НАЈВИСОК ПРИОРИТЕТ – Солидарни и спрема странски државјани
Министерството за надворешни работи успешно управуваше три сложени кризни ситуации во изминатата година.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека денес државата покажува силен институционален капацитет да реагира брзо и ефикасно во кризни ситуации, да ги заштити своите граѓани каде и да се наоѓаат и да им помогне на пријателските држави.
Во телевизиско гостување, Муцунски нагласи дека изминатата година била особено предизвикувачка за Министерството, кое се соочило со три сложени кризни ситуации со големи логистички и безбедносни предизвици.
Тој потсети дека по трагедијата во Кочани, Министерството учествувало во организирањето на извлекувањето на 115 повредени македонски граѓани, нивното лекување во странство и нивното враќање дома. Подоцна следела безбедносната криза меѓу Иран и Израел, кога биле евакуирани македонски државјани од регионот на Блискиот Исток.
Муцунски додаде дека последната криза била дополнително сложена бидејќи македонски граѓани престојувале во повеќе држави, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Израел.
„Сметам дека во сите три ситуации институцијата постапи успешно, а повратните реакции од граѓаните покажуваат дека државата е тука за нив и тие можат да сметаат на поддршка во најтешките моменти“, рече министерот.
Тој нагласи дека со четири организирани евакуациони летови биле евакуирани вкупно 458 патници, од кои 380 македонски и 78 странски државјани.
„Денес не сме само држава која бара солидарност, туку држава која во тешки времиња ја нуди солидарноста на своите соседи и меѓународни партнери“, рече Муцунски.
Министерот потенцираше дека безбедноста на граѓаните е највисок приоритет во ваквите операции и дека за нив стои широка координација меѓу институции и дипломатско-конзуларни претставништва.
„Кога сте македонски граѓанин, треба да знаете дека имате држава и институции кои секогаш стојат зад вас“, порача Муцунски.


