ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Е РАНА ШТО НЕ ЗАРАСНУВА – Мора да изградиме систем што ќе штити
Премиерот изрази благодарност до меѓународната заедница која ги отвори своите болници за повредените пациенти од Македонија.

Една година по катастрофалниот пожар во Кочани што ја потресе целата држава, државниот врв испрати порака дека болката и понатаму е жива, но и дека трагедијата носи обврска да се изградат посилни институции кои нема да дозволат повторување на ваква несреќа.
Премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на меѓународната конференција во Скопје, посветена на институционалните и клиничките аспекти по трагедијата, емотивно се осврна на кобниот настан.
„Трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која долго ќе остане во сеќавањето на нашата држава“, рече Мицкоски.
Тој изрази почит кон жртвите, нивните семејства и повредените кои сè уште се борат за закрепнување.
Премиерот нагласи дека денот на трагедијата бил еден од најтешките во неговиот живот, потсетувајќи дека несреќата се случила само осум месеци по неговото стапување на функцијата. Според него, пожарот ја открил длабоката слабост на институционалниот систем кој со години бил запоставуван.
„Само осум месеци по преземањето на одговорноста за управување со државата, се соочивме со последиците од еден девастиран систем кој со децении бил разградуван. Кој е виновен, тоа треба да го утврдат обвинителството и судовите. Но мора да се отвори и прашањето за создавањето на системот што потфрли и кој со години ја градел таа слабост што на крајот ги погоди нашите најмили“, изјави Мицкоски.
И покрај трагедијата, премиерот истакна дека во најтешките моменти се покажала човечноста и солидарноста. Тој им оддаде признание на, како што ги нарече, „тивките херои“ – лекарите, медицинскиот персонал, болничарите, крводарителите и волонтерите кои деноноќно се бореле за спасување на човечки животи.
Мицкоски упати благодарност и до меѓународната заедница која веднаш ги отворила вратите на своите болници за македонските пациенти, нагласувајќи дека искуството од трагедијата мора да се претвори во конкретни решенија за побезбедно и поодговорно општество.


