НАСА ЈА НАЈАВИ АРТЕМИС II – Првиот лет со екипаж околу Месечината по 50 години

Три американски астронаути и еден канадски астронаут ќе учествуваат во историската експедиција.

НАСА ЈА НАЈАВИ АРТЕМИС II – Првиот лет со екипаж околу Месечината по 50 години
Фото: Принтскрин

Американската вселенска агенција НАСА најави дека е подготвена да ја лансира долгоочекуваната мисија Артемис II, првиот лет со екипаж околу Месечината по повеќе од половина век. Првичниот датум за лансирање е 1 април, со неколку резервни датуми во следните денови.

„На добар пат сме да ја лансираме веќе на 1 април и работиме да се држиме до тој датум“, изјави Лори Глејз, висок функционер на НАСА.

Лансирањето беше одложено од февруари поради технички проблеми со истекување на гориво.

Екипажот ќе го сочинуваат три американски астронаути, командантот Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох и канадскиот астронаут Џереми Хансен.

Мисијата предвидува обиколка на Земјата, потоа лет кон Месечината без слетување, и на крај враќање на Земјата со слетување во океанот. Вселенското летало ќе се приближи на растојание од 6.450 до 9.650 километри од површината на Месечината. За споредба, претходната беспилотна мисија „Артемис I“ леташе само 130 километри над Месечината.

Астронаутите ќе ја видат Месечината „со големина на кошаркарска топка држена во рака“, според НАСА.

Следната фаза, Артемис III, ќе вклучи спојување со лунарен лендер, а Артемис IV планира слетување на астронаути на Месечината на почетокот на 2028 година. Програмата „Артемис“ има за цел да ги врати САД на Месечината, повеќе од 50 години по последната мисија „Аполо“.

CATEGORIES
Share This