ТРИ МАРИИ – Прогласен за роман на годината
Приказна за три жени поврзани преку животот и станот како заеднички мотив.

Романот „Три Марии“, во издание на „Арс Либрис“, е прогласен за Роман на годината 2025 од Фондацијата „Славко Јаневски“, која го промовира унапредувањето и промоцијата на културните вредности.
Според жирито, „Три Марии“ е мајсторски напишан роман, каде секој лик е внимателно изграден, а секој детал има значајно место во мозаикот на приказната. Романот се состои од три приказни, секоја со по една Марија како главен лик. Лајтмотивот што се протега низ целата книга е станот, кој ги поврзува различните судбини на протагонистките. Приказните започнуваат динамично и со смртта на Марија Пребирлиева, потрагата по стан на Марија Зара и повторливиот сон на Марија Деспотовска Солев а преку ретроспективи се доаѓа до клучните моменти во животот на ликовите.
Во конкуренција за наградата годинава беа 46 романи. Одлуката ја донесе жири-комисија по пет состаноци, составена од: Калина Малеска, Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева. Во најтесниот избор влегоа и романите: „Александар јава на запад“ (Венко Андоновски), „Необјавен фељтон“ (Владимир Илиевски), „Кривата Дијана: роман за верижната вина“ (Фросина Пармаковска), „Фобос: деконструиран роман“ (Соња Станковска) и „Повратник со две лица“ (Ивица Челиковиќ).
Наградата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а генерален покровител деветта година е Комерцијална банка АД, Скопје, која обезбеди финансиска поддршка од 360.000 денари од кои 150.000 денари се парична награда за лауреатот, а остатокот се наменети за жири-комисијата, плакета и оригинална статуетка.
Директорот на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, м-р Андреј Јовковски, истакна:
„Оваа награда е вистински празник за македонското литературно творештво. Банката е горда што ја поддржува оваа манифестација и вредностите што ги промовира“.
На денешното соопштување, Ќорвезироска се заблагодари на „Две Марии“ од Славко Јаневски, која ја инспирирала за својот роман. Таа додаде:
„Сакам да се заблагодарам на претходниците во македонската книжевност. Сакам нивните зборови да се вткаат во нашите реченици, како џамлии, и да останат трајно впишани во националната книжевност“.
Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) живее и работи во Скопје како уредник. Нејзините раскази се застапени во повеќе од дваесет антологии, објавени дома и во странство. За романот „Три Марии“ таа годинава доби и наградата „Стале Попов“ и Рациновото признание. Ќорвезироска е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.
Свеченото враќање на наградата ќе се одржи во средината на мај 2026 година.


