АКО ЦЕНИТЕ ПРОДОЛЖАТ ДА РАСТАТ – Можно намалување на акцизите и ДДВ
Инспекторите извршиле над 300 контроли – сите трговци имаат законски задолжителни петдневни резерви

Снабдувањето со горива во земјава е стабилно, а и покрај неодамнешното поскапување, Македонија и понатаму има најниски цени на горивата во регионот, уверува министерката за енергетика Сања Божиновска.
Таа информира дека пазарните инспектори извршиле повеќе од 300 контроли и утврдиле дека сите трговци ги поседуваат законски задолжителните петдневни оперативни резерви. Дополнително, според министерката, стабилни се и државните резерви на нафта и нафтени деривати, кои во моментов обезбедуваат покривање на приближно 62 дена од потребите на граѓаните и стопанството.
Според официјалните податоци, резервите изнесуваат: Еуродизел: 138.877.053 литри, Еуросупер 95: 32.098.680 литри, Екстралесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 10.772.342 литри и Мазут М1: 5.287.794 килограми
Божиновска посочи дека компанијата МАКОРА има обврска редовно да врши нови набавки, бидејќи управува со дел од резервите. Според нејзините информации, дневната потрошувачка изнесува околу 4.000 тони.
Министерката нагласи дека доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, Владата ќе ги искористи сите механизми за заштита на животниот стандард на граѓаните. Како можни мерки ги посочи намалувањето на акцизите за горивата до четири денари по литар, како и намалување на ДДВ за набавка на енергенси.
Во однос на измените во Правилникот на Регулаторната комисија за енергетика, со кој цените на горивата се утврдуваат еднаш неделно и секој понеделник, Божиновска смета дека граѓаните не се оштетени. Таа објасни дека ваквиот систем бил воведен во 2022 година, со почетокот на војната во Украина, и дека досега имало само едно зголемување на цените.
Инаку, Регулаторната комисија за енергетика во понеделникот ги зголеми цените на горивата во просек за 14,27 проценти. Цената на дизелот порасна за 14,5 денари, откако цената на суровата нафта на светските берзи повторно го надмина нивото од 100 долари за барел.
Новата одлука за цените се очекува во понеделник, а неизвесноста ја зголемува фактот што во последните два дена цената на нафтата повторно се искачи над 100 долари за барел, по претходниот пад до околу 85 долари.


