НЕМА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ – Ако се плашат од критериумите, професорите нека се фатат за работа, порача Јаневска
Министерката порача дека едногодишниот труд на работната група нема да биде поништен и покрај барањата за повлекување на законот.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска порача дека новиот Закон за високо образование наскоро ќе биде доставен во владина процедура. Таа нагласи дека едногодишната работа на работната група нема да биде поништена, и покрај барањата на дел од професорите законот да се повлече и дополнително да се доработи.
Според Јаневска, отпорот кај дел од академската заедница произлегува од страв дека нема да можат да ги исполнат новите, построги критериуми предвидени со законските измени.
Министерката им одговори на критичарите истакнувајќи дека законот предвидува флексибилност, но не и компромиси кога станува збор за квалитетот.
„Мала група професори бара повлекување на законот. Претпоставувам дека причината е стравот дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите што ги предвидува. Тие имаат две опции: првата е посериозно да се посветат на работата, а втората е подолго да останат во истото звање и да напредуваат кога ќе бидат подготвени. Со тоа ништо не губат“, изјави Јаневска.
Целта на предложените измени, како што посочи министерката, е подобрување на рејтингот на македонските универзитети и нивно позиционирање на престижната Шангајска листа. Таа додаде дека сите конструктивни забелешки од јавната расправа се веќе вклучени во финалната верзија на законот.


