ОДБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ДЕЛА ЗА НАЈТЕСНИОТ ИЗБОР – Шест романи во трка за „Роман на годината“ 2025

Конкуренцијата е особено изедначена, а најтесниот избор вклучува рекорден број дела.

ОДБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ДЕЛА ЗА НАЈТЕСНИОТ ИЗБОР – Шест романи во трка за „Роман на годината“ 2025
Фото: Принтскрин

Шест романи се најдоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година и тоа: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“), „Три Марии: (роман-басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Одлуката ја донесе жирито во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата). Жирито нагласи дека конкуренцијата меѓу објавените романи годинава е особено изедначена, што се потврдува со фактот дека во најтесниот избор влегоа дури шест дела, веројатно рекорд во историјата на наградата.

Името на добитникот ќе биде соопштено на прес-конференција која ќе се одржи во петок, на 13 март, во 13 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.

Наградата ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а поддржана е и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Годинава наградата ќе се додели по 27-ти пат. Минатата година, лауреат на „Роман на годината“ беше Калина Малеска за романот „Светот што го избрав“ (издание на „Или – или“).

Според најавите, свеченото врачување на наградата ќе се одржи во средината на мај.

CATEGORIES
Share This