УШТЕ ДВЕ ИРАНСКИ ФУДБАЛЕРКИ БАРААТ АЗИЛ ВО АВСТРАЛИЈА – Досега вкупно седум
Фудбалерки од женската репрезентација одбиле да се вратат во Иран откако беа прогласени за „воени предавници“ поради непеење на химната а САД и Австралија ги поддржаа нивните чекори за безбедност.

Уште две членки на женската фудбалска репрезентација на Иран побараа азил во Австралија, откако претходно пет нивни соиграчки добија хуманитарни визи поради загриженост за нивната безбедност.
Според извори на националната телевизија Еј-Би-Си Њуз, една од фудбалерките во последен момент одбила да се качи на летот кон Иран на аеродромот во Сиднеј, додека останатите играчи се вратиле во земјата.
Фудбалерките беа прогласени за „воени предавници“ на иранската државна телевизија откако одбиле да ја пеат националната химна на натпревар од Азиското првенство. Настапот на репрезентацијата се случуваше истовремено со воздушни напади од САД и Израел врз Иран, при што беше убиен врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи. Иранскиот тим беше елиминиран од турнирот во неделата.
Фудбалерките се упатија од Голд Коуст кон Сиднеј во вторникот попладне, но на патот беа опкружени од група Иранци кои протестираа против иранската влада. Слични протести се одржаа и на аеродромот во Сиднеј.
Иранската канцеларија на главниот обвинител соопшти дека останатите членки на репрезентацијата се повикани да се вратат „во мир и со доверба“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го пофали австралискиот премиер Ентони Албанезе за дозволата на фудбалерките да останат во Австралија и истакна дека САД биле подготвени да ги примат доколку Австралија не го направела тоа.


