ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ – Владата продолжува со одземање лиценци за бизнисот со канабис
Проверките опфаќаат инфраструктурни, кадровски и технолошки стандарди.

Владата денеска донесе одлука за одземање лиценци на уште шест компании кои се занимаваат со одгледување марихуана, соопшти владината портпаролка Марија Митева на прес-конференцијата.
Митева појасни дека одземањето се должи на законски пропусти утврдени при проверка од страна на Комисијата надлежна за контрола на условите што компаниите треба да ги исполнуваат.
Со ова, бројот на фирми што останаа без лиценца за производство на медицински канабис се зголеми на 12. Претходно, на 24 февруари, Владата им ги одзеде лиценците на шест компании – „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“ поради низа неправилности, вклучувајќи административни, инфраструктурни, технолошки и кадровски пропусти.
Одземањето на лиценците е дел од вонредните контроли што ги спроведува Владата, кои ќе опфатат вкупно 43 компании кои се занимаваат со одгледување канабис.


