ПОД ИСТРАГА НАД 30 БЕНЗИСКИ ПУМПИ – Сомнежи за сокривање гориво пред поскапувањето

Доколку се утврдат прекршувања, инспекцијата најавува санкции за бензинските пумпи кои манипулирале со резервите.

ПОД ИСТРАГА НАД 30 БЕНЗИСКИ ПУМПИ – Сомнежи за сокривање гориво пред поскапувањето
Фото: Национал

Во последните часови од вчерашниот ден, непосредно пред да стапи во сила одлуката за поскапување на нафтените деривати за повеќе од 14 проценти, на бензинските пумпи низ државата беа забележани долги колони возила. Дел од пумпите воведоа и ограничувања за количината гориво што може да се наточи по возило.

Поради сомнежи дека одредени трговци намерно ги сокривале резервите на деривати со цел подоцна да ги продаваат по повисоки цени, како и поради индиции за манипулации, нелојална конкуренција и неправедни трговски практики, под истрага се ставени повеќе од 30 бензински пумпи, соопшти Државниот пазарен инспекторат. Пумпите ќе бидат предмет на дополнителни контроли, а доколку се утврдат законски прекршувања ќе следуваат соодветни санкции, изјави директорот Влатко Стојковски, додавајќи дека во изминатите денови биле спроведени повеќе од 300 инспекциски надзори.

„Во последните три до четири дена државните пазарни инспектори постојано беа на терен. Спроведени се над 300 инспекциски контроли и утврдено е дека на околу 30 бензински пумпи имало недостиг на деривати, односно биле потрошени нивните резерви. Во дел од пумпите контролите продолжуваат со подлабоки проверки и доколку се утврдат прекршувања на законот, ќе следуваат казнени мерки“, изјави Стојковски.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека недостигот на гориво во пограничните региони се должел на зголемената побарувачка од граѓани на соседните земји, кои доаѓале во Македонија да точат гориво поради повисоките цени кај нив. Сепак, според медиумските извештаи и реакциите на граѓаните, ограничувања имало и во централните делови на државата, каде што некои бензински пумпи дозволувале точење гориво во вредност до 1.000 денари по возило.

„Во граничните региони има зголемен притисок од соседните држави, бидејќи дел од нивните граѓани доаѓаат тука да точат нафта. Поради тоа во некои пумпи резервите побрзо се трошат и може да се појави привремен недостиг, но тој брзо се надоместува. Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и нема прекин во снабдувањето“, изјави Мицкоски.

Со новото поскапување, цената на дизелот во Македонија достигна 85,5 денари за литар, односно околу 1,39 евра. За споредба, во Албанија дизелот чини околу 1,79 евра за литар, во Србија 1,73 евра, во Косово 1,53 евра, во Грција 1,59 евра, а во Бугарија 1,41 евра. Поради пониската цена, во изминатите денови беа забележани и граѓани од соседните земји кои доаѓаа во Македонија да точат гориво, појава што на слободниот пазар не претставува законско прекршување, но предизвика незадоволство кај домашните граѓани, кои чекаа во долги редици на бензинските пумпи.

CATEGORIES
Share This