ЈЕРОМОНАХ ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИИ – Анатеми против вакцинација и вештачка интелегенција
Верници вознемирени од анатемисувањето на современи теми

Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Јанковец кај Ресен, богослужбата по повод Недела на Православието предизвика силни реакции меѓу верниците. Причината беше читањето на анатеми, во кои, покрај традиционалните формулации од црковниот Синодикон, беа вклучени и современи теми како вакцинацијата против Ковид и користењето на вештачката интелигенција.
Игуменот на манастирот, јеромонахот Спиридон, анатемиса лица кои користат вештачка интелигенција, оние кои повикувале на вакцинација против Ковид, како и оние кои не се покоруваат на Царот и ги повикуваат луѓето на промени.
Според известувањата, Спиридон го прочитал својот текст како дел од Синодикот за Недела на Православието, а верниците во хор три пати одговориле со „Анатема! Анатема! Анатема!“. Сепак, јеромонахот го дополнил текстот со свои зборови, кои не се дел од официјалниот Синодикон.
Начинот на анатемисување бил следниот:
„На гонителите на Христовата црква, кои убиваат свештенослужители, разрушуваат храмови, мачат браќа наши и под присила ги принудуваат луѓето да се вакцинираат против Ковид, нека е анатема.“
На ова, верниците во хор возвраќале: „Анатема! Анатема! Анатема!“
Преку ова, Спиридон практично ги анатемисал сите лекари и научници кои зборувале за пандемијата и важноста од вакцинацијата.
Во своите анатеми, тој се осврнал и на вештачката интелигенција:
„На оние кои со магии повикуваат демони, се поклонуваат или се надеваат на вештачката интелигенција, нека е анатема.“
Исто така, тој ја опфатил и власта:
„На оние кои не веруваат дека светите цареви на престолот се поставуваат по Божјо провидение и не прифаќаат дека миропомазанието врз нив ја излева Божјата благодат, а се бунат и повикуваат на промени – нека е анатема.“
На ова верниците повторно возвраќале со „Анатема! Анатема! Анатема!“, што значи дека, според неговиот обичај, се анатемисани и сите кои ја доведуваат во прашање властa како Божјо провидение.
Јеромонахот Спиридон е познат по контроверзни постапки. Претходно бил монах во Лесново, потоа се преселил во Осогово, а сега е дел од Преспанско-пелагониската епархија во манастирот кај Ресен.


