ТРАМП ПОДГОТВУВА НОВ ПОТЕГ – Можно олеснување на санкциите за руска нафта
Вашингтон бара начин да ги стабилизира цените на енергијата поради прекините во снабдувањето од Блискиот Исток.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за ублажување на санкциите кон Русија со цел да се намали растот на цените на енергијата предизвикан од конфликтот меѓу САД и Израел против Иран, пренесува Ројтерс повикувајќи се на три извори запознаени со прашањето.
Според информациите, мерката би имала за цел да ги зголеми глобалните резерви на нафта во услови на сериозни нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Сепак, ваквиот потег може да ги усложни напорите на САД да го намалат приходот на Москва од војната во УКраина.
Изворите наведуваат дека се разгледуваат различни опции и од пошироко олеснување на санкциите до таргетирани мерки што би им овозможиле на одредени држави, како Индија, да купуваат руска нафта без да се соочат со американски казни или тарифи.
Минатата недела Вашингтон привремено ѝ дозволи на Индија да купува руска сурова нафта која веќе се наоѓала во танкери, со цел да се ублажи недостигот на испораки од Блискиот Исток. Според изворите, новите мерки би можеле да бидат објавени уште денес.
Портпаролот на Белата куќа, Тејлор Рогерс, изјави дека претседателот Трамп и неговиот енергетски тим имаат јасен план за стабилизирање на енергетските пазари.
„Претседателот Трамп и целиот негов енергетски тим имаат јасен план за одржување на стабилноста на енергетските пазари дури и пред почетокот на операцијата ‘Епски бес’ и ќе продолжат да ги разгледуваат сите веродостојни опции“, рече Роџерс.
Тој додава дека секое официјално соопштение ќе биде објавено директно од претседателот или неговиот тим.
Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток веќе предизвика прекини во транспортот преку Ормутскиот теснец, клучна рута за глобалниот превоз на нафта и течен природен гас. Низ овој теснец поминуваат околу 20 проценти од светската нафта и приближно 25 проценти од течниот гас.
Аналитичарите предупредуваат дека долготрајна блокада на Ормутскиот теснец може да предизвика сериозни нарушувања на европскиот пазар на гас и нагло зголемување на цените на енергијата.
Експертите предупредуваат дека продолжувањето на конфликтот може да предизвика инфлаторни шокови не само преку енергијата, туку и преку раст на транспортните трошоци и нарушување на синџирите на снабдување. Европските економии, особено оние зависни од увоз на енергија, би биле најпогодени, додека извозниците како Русија, Канада и Норвешка би можеле да остварат дополнителни приходи.


