КУЛТУРЕН НАСАТН ВО ИСТАНБУЛ – Македонската гајда и турскиот тулум
Отворање на културната програма на Македонскиот КИЦ во 2026 година

Во Македонскиот културен центар во Истанбул, утре во 20:00 часот, ќе се одржи културен настан посветен на заедничката традиција на македонската гајда и турскиот тулум, како значаен дел од нематеријалното културно наследство на двата народа.
Настанот е организиран по повод 10 март – Меѓународниот ден на гајдата. Главен дел од програмата ќе биде панел-дискусија на која ќе учествуваат експерти од Македонија и Турција. Панелот ќе се фокусира на историските, културните и етномузиколошките аспекти на гајдарската традиција, како и на нејзината улога во современото културно наследство. Посебно внимание ќе биде посветено на впишувањето на гајдата и тулумот на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото во УНЕСКО, што претставува значаен пример за успешна културна соработка меѓу двете земји.
Во рамките на програмата, преку презентации ќе се претстават органолошките карактеристики и разликите помеѓу македонската гајда и турскиот тулум, како и регионите и заедниците во двете земји каде оваа традиција сè уште активно се практикува.
Македонската гајда ќе ја претстават Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културно наследство, која ќе зборува за значењето, традицијата и процесот на меѓународна заштита, и Ивона Опетческа-Татарчевска, раководител на Секторот за меѓународна дејност при УЗКН и виш соработник за фолклорни добра.
Настанот ќе биде збогатен и со изведби на гајда и тулум во живо, што ќе овозможи автентично музичко доживување и непосредно запознавање со звучниот свет на оваа древна традиција.
Со овој настан, Македонскиот културен центар во Истанбул официјално ја отвора својата културна програма за 2026 година, продолжувајќи ја мисијата за промоција на македонската култура и зајакнување на културната соработка со Турција.


