ПАД НА АКЦИИТЕ НА АВИОКОМПАНИИТЕ – Следува пораст на цените на авиобилетите

Порастот на цените на нафтата и затворениот воздушен простор ги поскапуваат рутите

ПАД НА АКЦИИТЕ НА АВИОКОМПАНИИТЕ – Следува пораст на цените на авиобилетите
Фото: Принтскрин

Војната во Иран предизвика значителен пад на акциите на авиокомпаниите, со милијарди долари избришани од пазарот, што претставува најголема криза во глобалниот воздушен сообраќај од времето на пандемијата на коронавирусот.

Акциите на германската „Луфтханза“ денеска се намалија за 0,8%, додека австралиската „Квантас“ забележа пад од 2,7%. Двете компании изгубија повеќе од 10% од својата вредност во текот на оваа недела.

Сопственикот на „Бритиш ервејс“, IAG, падна за дополнителни 1,5%, откако во претходните три дена изгуби над 11% од вредноста, известува „Ројтерс“.

Во Азија, загубите исто така се значајни. Акциите на „Кореан ер“ паднаа за 7,9%, а „Јапан ерлајнс“ ослабеа за 2,9%. Меѓу кинеските превозници, „Ер Чајна“ и „Чајна Саутерн ерлајнс“ забележаа пад на вредноста на акциите помеѓу 1% и 3%.

Авиокомпаниите се дополнително погодени од порастот на цените на нафтата, а затворањето на воздушниот простор над поголемиот дел од Блискиот Исток ги принудува да избираат подолги и поскапи рути, особено на линиите помеѓу Азија и Европа.

Аналитичарите предупредуваат дека ако ситуацијата продолжи, цените на авионските билети може да пораснат. Персискиот Залив е клучен за патничкиот и товарниот сообраќај, па прекините влијаат и на глобалните синџири на снабдување и на меѓународната трговија.

CATEGORIES
Share This