ТРАМП СО НОВО БАРАЊЕ – Без мој амин нема избор на нов врховен лидер на Иран
Доналд Трамп го смета Моџтаба Хамнеи за „неприфатлив“ кандидат

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека сака лично да биде вклучен во изборот на новиот врховен лидер на Иран, по атентатот врз ајатолахот Али Хамнеи. Тој оцени дека неговиот син, Моџтаба Хамнеи, кој се споменува како главен наследник, е „неприфатлив“ за Вашингтон.
Во разговор за американскиот медиум Аксиос, Трамп рече дека Моџтаба Хамнеи е најверојатниот кандидат за наследник на убиениот врховен лидер, но дека таков исход не е прифатлив за него.
„Тие губат време. Синот на Хамнеи е слаба фигура. Морам да бидам вклучен во назначувањето, како што бев со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез“, истакна Трамп.
Тој додаде дека не сака да прифати нов ирански лидер кој би ја продолжил политиката на Али Хамнеи, бидејќи тоа, според него, може да доведе до нова војна со САД во следните пет години.
„Синот на Хамнеи е неприфатлив за мене. Сакаме некој што ќе донесе хармонија и мир во Иран“, нагласи Трамп.
Иранските власти веќе неколку дена го одложуваат објавувањето на името на новиот врховен лидер, иако некои ирански политичари наговестија дека одлуката би можела наскоро да биде донесена.
Моџтаба Хамнеи, 56-годишен, се смета за водечки кандидат за наследник на својот татко, но официјална одлука сè уште нема донесено.
САД и Израел изведоа напади врз Иран на 28 март, во што го нарекоа „превентивни напади“, по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранската нуклеарна програма. По тоа, Иран започна масовни одмазднички напади против Израел и цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток.


