УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНИТЕ ЗА ГРАДЕЊЕ И ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ – Целосна евиденција на подземната инфраструктура

Воведување ред во линиската подземна инфраструктура и евиденција во катастар

УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНИТЕ ЗА ГРАДЕЊЕ И ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ – Целосна евиденција на подземната инфраструктура
Фото: Национал

Собранието на Македонија денеска, на продолжението на 90. седница, по скратена постапка ги усвои измените на Законот за градење и на Законот за градежно земјиште. Законските решенија беа донесени без расправа, со 65 гласа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“. Претходно, измените добија поддршка и од надлежната собраниска комисија, која констатираше дека не биле поднесени амандмани.

Според Министерство за транспорт, со измените на Законот за градежното земјиште се воспоставува систематски ред во линиската подземна инфраструктура, која опфаќа оптички кабли, телекомуникациски мрежи, водоводни и канализациски системи, гасоводи, нафтоводи и други слични инсталации. За првпат се овозможува овие инфраструктурни објекти да бидат впишани во официјалната евиденција во катастарот на инфраструктурни градби што го води Агенција за катастар на недвижности.

Целта на овие измени е да се обезбеди целосен и прецизен увид во постоечката линиска инфраструктура на национално ниво, што ќе овозможи подобро, поефикасно и рационално планирање на идни инфраструктурни проекти.

Дополнително, со законските измени се овозможува општините да располагаат со градежното земјиште предвидено со урбанистичките планови за технолошко-индустриски зони. На тој начин се создаваат предуслови за зајакнување на локалниот економски развој и за олеснување на реализацијата на инвестициските планови на домашните компании.

Во рамки на измените на Законот за градење, се уредува постапката за легализирање и регулирање на радио-комуникациската опрема, односно базните станици со столб и придружна опрема, поставени врз основа на проектна документација. За ваквите градби ќе може да се издаде решение за нивно поставување или изведување доколку се изградени согласно проектните параметри, по спроведен технички преглед од надзорен инженер кој ќе потврди дека објектот е безбеден за употреба. Потребна е и согласност од Агенција за електронски комуникации, како и нотификација за пренос на електронски податоци доколку опремата се користи за вршење јавна дејност.

Со измените се подобруваат и условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските оператори, што треба да придонесе за поквалитетни, постабилни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.

Понатаму, се унапредува и квалитетот на техничките прегледи на градбите од прва категорија преку заострување на критериумите за формирање комисии и зголемување на професионалните стандарди при спроведувањето на овие прегледи.

Се доуредуваат условите во однос на видот на стручната подготовка и минималното работно искуство што треба да го исполнуваат лицата кои вршат технички преглед на градби. За нивно назначување, Комора на овластени архитекти и инженери ќе треба да доставува претходна предлог-листа на експерти, соодветно на видот и категоријата на градбата, врз основа на нивното искуство и референци.

Дополнително, се прецизира дека, зависно од видот на градбата, во комисиите за технички преглед како дополнителни членови ќе учествуваат и претставници од надлежните органи на државната управа. Воведени се и конкретни рокови за формирање на комисиите за технички преглед, со цел поголема ефикасност и правна сигурност.

CATEGORIES
Share This