ЗЕЛЕНСКИ МУ СЕ ЗАКАНУВА НА ОРБАН СО УБИСТВО – Заканите од Киев се неприфатливи возвраќа Орбан
Изјавата на Владимир Зеленски предизвика остра реакција од Будимпешта и нови тензии во односите меѓу Украина и Унгарија.

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, на состанок на украинската влада упати остра порака поврзана со можната блокада на финансиската помош од Европската Унија, јави Укринформ.
Тој изрази надеж дека ниту една земја-членка на ЕУ нема да ја попречи исплатата на воената помош во вредност од 90 милијарди евра, истакнувајќи дека таа е клучна за снабдување на украинската армија со оружје. Во спротивно, Зеленски иронично изјави дека украинските војници „би можеле директно да стапат во контакт“ со оној што ја блокира одлуката и „да разговараат со него на свој начин“.
Во Унгарија, ваквата изјава беше протолкувана како закана кон премиерот Виктор Орбан. Будимпешта смета дека Киев врши притисок преку запирање на транзитот на руска нафта низ нафтоводот „Дружба“, преку кој, според унгарските власти, испораките престанале на 27 јануари.
Унгарската влада тврди дека техничките проблеми на нафтоводот се отстранети, но дека Украина од политички причини го блокира транзитот. Како одговор, Унгарија запре испорака на дизел гориво за Украина и го блокираше одобрувањето на европскиот заем за воена помош од 90 милијарди евра.
Премиерот Орбан изјави дека Зеленски јасно ставил до знаење оти нема намера повторно да го отвори нафтоводот, како и дека Украина одбила да дозволи влез на унгарска владина комисија која требало да ја процени техничката состојба на трасата. Поради тоа, Будимпешта побара интервенција од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со цел да се обнови транзитот на нафта.
Во меѓувреме, политичкиот директор на унгарскиот премиер, Балаж Орбан, остро реагираше, оценувајќи дека изјавите на Зеленски се недозволиви.
„Апсолутно е неприфатливо украинскиот претседател да користи ваков тон кон премиерот на Унгарија. Додека бара финансиска и воена поддршка од Европската Унија, Киев прибегнува кон притисоци и закани“, напиша тој на социјалната мрежа X.


