МИЦКОСКИ ОД ШТИП – Жртвите на семејно насилство да не ги повлекуваат пријавите

Владата најавува продолжување на програмата за асистенти за стари и изнемоштени лица

МИЦКОСКИ ОД ШТИП – Жртвите на семејно насилство да не ги повлекуваат пријавите
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип упати силен апел до жртвите на семејно насилство да ги пријавуваат случаите и да не ги повлекуваат пријавите, нагласувајќи дека во спротивно институциите имаат ограничени можности за постапување. Тој одговараше на новинарско прашање поврзано со трагичниот настан во скопската општина Карпош.

Мицкоски оцени дека станува збор за голема трагедија и изрази жалење што вакви случаи се случувале и во минатото, се случуваат и денес, со ризик да се повторуваат и во иднина. Според него, приоритет на државата и Владата е значително да се намали бројот на вакви настани и институциите целосно да застанат во заштита на жртвите. Тој уште еднаш ги повика сите кои трпат насилство да останат доследни на пријавите и да не се откажуваат од постапката.

Во однос на барањето на СДСМ за оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, премиерот изјави дека опозицијата секојдневно повикува на оставки. Тој истакна дека институциите постапуваат согласно надлежностите, а министерот веќе јавно дал детално објаснување за настаните. Мицкоски додаде дека нема намера да ги коментира, како што рече, неоснованите напади и порача граѓаните со претпазливост да ги прифаќаат соопштенијата од опозицијата.

Премиерот најави и дека ќе продолжи програмата за ангажирање асистенти за стари и изнемоштени лица. Како што информираше, огласот е веќе распишан, средствата се обезбедени, а се очекува процедурата наскоро да биде завршена, со цел да се продолжи добрата пракса во општините каде што има потреба.

CATEGORIES
Share This