АТЛЕТИКО ВО ФИНАЛЕ – Барселона победи 3:0
Барселона победи 3:0 на „Камп Ноу“, но Атлетико Мадрид со вкупен резултат 4:3 обезбеди финале.

Синоќа, на стадионот „Камп Ноу“, Барселона го победи Атлетико Мадрид со 3:0 во реваншот од полуфиналето на Купот на кралот. И покрај убедливата победа на домашниот тим, Каталонците не успеаја да го надокнадат резултатот од првиот натпревар, па Атлетико Мадрид со вкупен резултат од 4:3 обезбеди место во финалето.
Првиот гол на натпреварот го постигна Марк Бернал во 29. минута, а пеналот реализиран од Рафиња кон крајот на првото полувреме го дуплираше водството на Барселона. Бернал постигна и втор гол во 72. минута, но тоа не беше доволно за вкупен триумф.
Атлетико Мадрид првиот натпревар го доби со убедливи 4:0, што им овозможи пласман во финалето на Купот на кралот за првпат од 2013 година. Вториот финалист ќе биде познат вечер, по натпреварот помеѓу Атлетик Клуб и Реал Сосиедад, откако првиот меч заврши со победа на Сосиедад од 1:0.
Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, по натпреварот истакна дека прво го поздравил Ханси Флик и неговите играчи за одличната игра, додавајќи дека се надева на можен дуел во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Симеоне ги анализираше моментите од реваншот и го спомена третиотпостигнат гол на Барселона, кој според него бил од офсајд, но ВАР не го прегледал.
„Дома игравме со поголем интензитет, постигнавме четири гола и можевме уште два. Од овој реванш си заминувам со задоволство што знам како да трпам, бидејќи тоа е дел од фудбалот“, рече Симеоне.
Барселона ќе се соочи со Њукасл во осминафиналето на Лигата на шампионите, додека Атлетико ќе игра против Тотенхем.
Симеоне заклучи дека пласманот во финалето е заслужен:
„Долго го чекавме овој момент. По два изгубени полуфиналиња, се соочивме со исклучителен противник. Имавме неколку шанси за контранапади и стигнавме таму каде што сакаме да бидеме.“


