ОД ОХРИД ДО ТИРАНА – Заеднички културни и туристички иницијативи

Развој на еколошки и авантуристички понуди: планинарење, езерски тури, велосипедски патеки

ОД ОХРИД ДО ТИРАНА – Заеднички културни и туристички иницијативи
Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам на Република Македонија, Зоран Љутков, на маргините на светската туристичка берза „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin) оствари средба со Бленди Гонџја, министер за туризам, култура и спорт на Албанија.

Средбата беше посветена на унапредување на билатералната соработка во областа на туризмот и културата, со посебен акцент на прекуграничниот развој и заедничката регионална промоција.

Во фокусот на разговорите беше продлабочувањето на соработката меѓу граничните региони и можностите за заеднички апликации за европски фондови, како ИПА и Интеррег (IPA и Interreg). Министрите исто така дискутираа за развој на заеднички туристички производи во Охридско-преспанскиот регион, промовирајќи ја оваа област како автентична дестинација со заеднички културни и природни вредности.

Посебно внимание беше посветено на создавање заеднички туристички рути и културно-историски тури кои ги поврзуваат манастирите, локалната традиција и гастрономијата од двете страни на границата. Разгледани беа и можностите за развој на еколошки и авантуристички понуди, вклучително планинарење, езерски тури и велосипедски патеки.

Министрите го нагласија значењето на координиран настап на трети пазари преку B2B-настани и презентации пред туроператори, со цел регионот да се промовира како единствена туристичка целина. Во таа насока, беше истакната и улогата на македонскиот Културно-информативен центар во Тирана како платформа за промоција на македонската култура и уметност.

Средбата ја потврди посветеноста на двете земји кон градење силно регионално партнерство и заедничка визија за одржлив и конкурентен туристички развој на Балканот.

CATEGORIES
Share This