ОХРИД, СКОПЈЕ И МАТКА – Омилени дестинации за германските посетители
Државата се претставува со национален штанд од 93 м² и рекорден број учесници од туристичкиот сектор.

Република Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот меѓународен саем за туризам, ИТБ Берлин (ITB Berlin), кој се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
Од 1966 година, ИТБ Берлин претставува водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја-партнер е Ангола.
Македонската делегација на саемот, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира низа билатерални средби со цел зајакнување на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд со површина од 93 м² годинава се претставува рекорден број македонски учесници од туристичкиот сектор, вклучувајќи туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година Македонија ја посетиле 91.290 германски туристи, што претставува зголемување од 141% во однос на 2024 година. Истовремено, бројот на реализирани ноќевања изнесувал 143.138, што е раст од 93% споредено со претходната година.
Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства. Особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што создава солидна основа за понатамошно позиционирање на земјата како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на ИТБ Берлин е уште една потврда дека Македонија продолжува со активна промоција на туристичките потенцијали, со акцент на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.


