БИДЕТЕ СПОКОЈНИ НАТО ЌЕ ВЕ БРАНИ – Шекеринска е одличен мој личен избор
НАТО нема да се приклучи на кампањата на САД и Израел против Иран, но поединечни членки можат да дадат логистичка поддршка.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при посетата на Македонија порача дека Алијансата цврсто стои зад своите членки во услови на зголемени безбедносни тензии, особено поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток.
По средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Руте истакна дека „никој не е сам во НАТО“ и дека сојузниците ќе ја бранат секоја членка доколку биде вовлечена во конфликт. Тој нагласи дека Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум и останува посветена на регионалната стабилност.
Руте ја оцени Македонија како „верен и вреден сојузник“, посочувајќи дека земјата веќе издвојува над 2 проценти од БДП за одбрана и се стреми кон исполнување на новата цел од 5 проценти. Според него, засилените одбранбени инвестиции се неопходни во време на глобални предизвици, а ја поздрави и поддршката што државата ѝ ја дава на Украина.
Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека посетата на првиот човек на НАТО е јасна потврда за поддршката на Алијансата. Таа нагласи дека актуелните безбедносни околности бараат будност, усогласување на разликите меѓу сојузниците и зајакнување на одбранбените капацитети.
Според неа, НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделена одговорност и заедничка визија. Таа потенцираше дека инвестициите во одбраната не се прашање само на проценти, туку на заедничка безбедност.
Осврнувајќи се на нападите на САД врз Иран, Руте изјави дека Иран претставува сериозна закана поради неговите нуклеарни и ракетни амбиции и долгогодишната поддршка на дестабилизирачки активности. Сепак, тој прецизираше дека НАТО како организација нема да се приклучи на воената кампања на САД и Израел, иако одделни земји членки можат да дадат логистичка поддршка.
Во обраќањето во Собранието, Руте посвети значително внимание на војната во Украина, нагласувајќи дека безбедноста на Украина е дел од безбедноста на НАТО и дека по завршувањето на конфликтот мора да се обезбеди одржлив мир со јасни гаранции.
Тој додаде дека државата повеќе не е само корисник на безбедноста, туку и нејзин активен извозник преку учеството во мисиите на Алијансата. Тој нагласи дека Македонија не е сама во справувањето со глобалните предизвици и дека сојузниците постојано стојат зад нејзината стабилност, посочувајќи ги воздушните патроли од Грција и Италија како конкретен пример на солидарност.
Руте се осврна и на комплексната меѓународна состојба, оценувајќи дека Русија, заедно со партнерите Кина, Северна Кореја и Иран, врши постојан притисок врз безбедносната архитектура. Според него, Иран претставува извор на нестабилност и неопходна е будност за да се спречи стекнување нуклеарно оружје. Тој подвлече дека безбедноста на Украина е директно поврзана со европската стабилност, додека сигурноста на Западен Балкан останува приоритетна задача на НАТО.
Во говорот, генералниот секретар се задржа и на назначувањето на Радмила Шекеринска за негова заменичка, нагласувајќи дека одлуката била лична и стратешка. Тој ја истакна нејзината експертиза и долгогодишно искуство како значаен придонес за Алијансата, изразувајќи уверување дека нејзиното знаење ќе биде од голема корист при решавањето на регионалните и глобалните безбедносни прашања.
Осврнувајќи се на внатрешните предизвици, Руте ги повика пратениците да продолжат со инвестициите во одбраната, оценувајќи дека тоа е суштински предуслов за зачувување на демократијата.


