ВО УСЛОВИ НА ГЕОПОЛИТИЧКИ РИЗИЦИ – Државните резерви гарантираат енергетска сигурност

Министерството за енергетика ги следи меѓународните пазари и потенцијалните геополитички ризици.

ВО УСЛОВИ НА ГЕОПОЛИТИЧКИ РИЗИЦИ – Државните резерви гарантираат енергетска сигурност
Фото: Принтскрин

Кризата на Блискиот Исток, предизвикана од воените дејствија против Иран и одлуката на Техеран да го затвори Ормутскиот Теснец преку кој поминува една петтина од нафтата за земјите од Заливот ја зголеми загриженоста за снабдувањето со енергенти и нивната цена. Овој настан се надоврзува на веќе сложената ситуација поради војната во Украина и пренасочувањето на Европа кон алтернативни извори на нафта и гас, како и санкциите против „Лукоил“.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини смирува и уверува дека со посебно внимание ја следи енергетската ситуација и потенцијалните геополитички ризици.

Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (МАКОРА) постојано ги одржува државните резерви на нафта и деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција при какво било нарушување на увозот или снабдувањето. Државните резерви се формираат и одржуваат според европската регулатива (Directive 2009/119/EC), која предвидува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови според просечната потрошувачка или увоз.

Државните резерви се стабилни и земјата е меѓу најподготвените во регионот. Во моментов, складирани се Еуродизел: 138.877.053 литри, Еуросупер БС-95: 32.098.680 литри, Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 10.772.342 литри и Мазут М-1 НС: 5.287.794 килограми.

Резервите се безбедно складирани кај овластени трговски друштва: ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Сите капацитети се редовно контролирани од државните органи.

Продуктовод Солун-Скопје обезбедува алтернативен и непречен доток на нафта и деривати од Грција, што ја намалува зависноста од други транспортни правци. Во однос на мониторингот на потрошувачката,  Агенцијата континуирано ја следи дневната потрошувачка на деривати за да се одржуваат резервите согласно законските и реалните потреби.

Со стратешките резерви, диверзифицирани извори на снабдување и функционирачкиот продуктовод Солун-Скопје, Северна Македонија обезбедува стабилно и непречено снабдување со нафтени деривати.

Министерството истакнува дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува подготвена да реагира навремено при какво било нарушување на снабдувањето.

CATEGORIES
Share This