РАСТ НА БДП НА МАКЕДОНИЈА – Само Малта, Кипар и Полска бележат повисок раст во Европа
Шести квартал по ред со позитивни економски движења, БДП расте континуирано, над 4% во истиот период претходната година.

Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија во четвртиот квартал од 2025 година забележа раст од 3,5 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција истакна дека ова е шести квартал по ред со солиден економски раст, додавајќи дека резултатот следи по растот од 4,3 проценти во истиот период претходната година.
Според споредбени податоци, Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисок раст во регионот и пошироко во Европа. Во четвртиот квартал повисока стапка на раст имале само Малта, Кипар и Полска. Во соседството, Србија бележи раст од 2,2 проценти, Хрватска 3,6 проценти, Бугарија 3 проценти, а Словенија 2 проценти.
Кумулативниот реален раст за 2025 година изнесува 3,5 проценти, што е во согласност со проекциите на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит останува на 4 проценти од БДП, додека јавниот долг е намален на 59,3 проценти од БДП.
Анализата на секторските движења покажува дека растот е широко распространет. Најголема динамика се забележува во градежништвото со раст од 14,6 проценти, при што нискоградбата расте за 12,5 проценти. Стручните и научните дејности забележуваат раст од 8,1 процент, трговијата и транспортот 4,4 проценти, а преработувачката индустрија 3,6 проценти. Единствено земјоделството бележи благо намалување од 0,4 проценти.
Посебно се издвојува извозот на стоки и услуги, кој пораснал за 9,7 проценти, што укажува на зголемена извозна активност. Приватната потрошувачка останува стабилна со раст од 2 проценти, поддржана од порастот на платите. Сепак, бруто-инвестициите бележат намалување од 3 проценти, што се објаснува со високата споредбена основа од претходната година, кога последниот квартал беше забележан раст од 23,7 проценти.
Од Министерството за финансии истакнуваат дека и покрај неизвесностите на меѓународната сцена, економските политики ќе продолжат да се креираат со цел поддршка на стопанството, одржување стабилност и фокус на одржлив раст и фискална дисциплина.


