Во четвртиот ден од ескалацијата на војната на Блискиот Исток, во воздушни напади е уништена зградата во која се одржуваат седниците за избор на нов врховен лидер на Иран, објавија иранските државни новински агенции.
Станува збор за објект што го користи Собрание на експерти, институција што има згради и во Техеран, како и јужно од главниот град, во светиот град Ком. Ова тело е составено од членови задолжени да одлучат кој ќе ја преземе функцијата врховен лидер по атентатот врз ајатолахот Али Хамнеи, кој се случи во саботата.
Според достапните информации, зградата на Собранието во Ком била целосно срамнета со земја во воздушен напад. Сведоци за Ројтерс изјавиле дека била погодена и пошироката околина на објектот.
Телевизијата Скај њуз ја потврдила автентичноста на видеоснимката направена по нападот. Засега нема официјални информации дали во моментот на ударот имало лица во зградата.